Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, испрати силна порака до Владата на ВМРО-ДПМНЕ по обилните врнежи што предизвикаа значителни штети во селото Муртино. Преку објава на својот Фејсбук профил, тој најави дека нема да дозволи ова населено место да биде заборавено и повика на итна поддршка.
„Обилните врнежи предизвикаа сериозни штети во Муртино. Како Општина веднаш формиравме Комисија за проценка на штетите и ги повикуваме сите засегнати жители и земјоделци од понеделник да ги пријават штетите во општинската зграда. Но сега топката е кај Владата на ВМРО-ДПМНЕ“, порача Костадинов.
Тој ја истакна потребата за целосно и фер обесштетување:
„Муртино не е политичка категорија – тоа се чесни луѓе кои живеат од својата земја. Бараме 100% обесштетување. Сѐ помалку од тоа ќе биде навреда и омаловажување за секој што изгубил плод, имот или покрив над главата.“
Градоначалникот истакна дека нема намера да молчи во ситуација кога неговите сограѓани се во криза:
„Ќе бидам гласен за Муртино, затоа што тие заслужуваат поддршка, а не игнорирање“, заклучи Костадинов.