Костадинов со политичка порака пред изборите: Бара СДСМ да ги стави селата во прв план при креирањето на советничките листи

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, излезе со својот прв политички став по замрзнувањето на членството во СДСМ, апелирајќи до партијата да даде приоритет на руралните средини при составувањето на советничките листи за претстојните избори.

​Во објава на социјалните мрежи, Костадинов нагласи дека клучен елемент за успехот на СДСМ треба да бидат советничките листи, луѓето и програмата. Тој смета дека во изборот на кандидати за советници, партијата треба да ги земе предвид струмичките села.

​Костадинов прецизираше дека најмалку три претставници од првите шест места на листата треба да бидат од големите села како Куклиш, Просениково и Банско, вклучително и од турската заедница, која традиционално го поддржува СДСМ. Според него, од шестото до десеттото место на листата, со ротација би требало да бидат застапени и другите населени места.

​Градоначалникот го истакна значењето на ова преку примери од неговиот мандат: советникот од Куклиш придонесе за изградба на Домот на културата, додека советникот од Муртино помогна да се добие финансирање за атмосферска канализација. „Тоа е практично и најпластично објаснета локалната политика и нејзиното креирање“, напиша Костадинов.

​Тој, исто така, повика на континуитет во составот на Советот, со задржување на дел од советниците од претходниот мандат, бидејќи тоа го прави тимот „попрагматичен“ и способен да креира соодветни политички ставови.

​Костадинов најави дека вториот дел од неговиот политички став ќе го соопшти по изборите, останувајќи доследен на неговата претходна изјава.