Костадинов ја одби средбата со министерката Кочовска: Струмичани ги решаваат проблемите без вас – доцна е за лажен ПР

Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, упати јавна реакција до министерката за финансии Гордана Димитриевска – Кочовска, откако таа побарала средба по бројните реакции од граѓаните за недостигот на кадар во струмичките градинки.

Костадинов ја одбил средбата, наведувајќи неколку причини:

„Средбата се бараше да биде само со мене, додека таму присутни да бидат претставници од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Таков нетранспарентен пристап не прифаќам – или сите заедно, или воопшто“, истакна градоначалникот.

Тој ја обвини министерката за непрофесионализам, потенцирајќи дека со месеци не е извршен поврат на ДДВ за струмичкото јавно претпријатие за транспорт, што, како што рече, е обид за блокада на јавниот превоз и создавање политичка криза во градот.

„Немам намера да бидам инструмент на нивниот политички маркетинг“, дециден е Костадинов.

Градоначалникот нагласи дека општината веќе самостојно го решила проблемот со недостатокот на кадар во градинките, со што средбата станува непотребна.

„Доаѓате доцна – како што доцните со довршување на патот кај Дабиле, со компјутерската томографија во болницата, со проектите за Струмица, и – за жал – со правдата, која често и ја опструирате“, додаде Костадинов во своето обраќање.