Костова: Со стиснати тупаници против апашлукот на ДПМНЕ, не се повлекуваме од борбата

​Потпретседателката на СДСМ, Кристина Костова, на митинг во Штип испрати остра порака, нагласувајќи дека партијата ја продолжува „антидпмневската, антидеструктивна, антифашистичка“ борба со „стиснати тупаници“ против „апашлукот“ и неправдата.

​„Драги соборци, борбата против неправдата, против апашлукот и против расизмот е наша обврска,“ порача Костова, нагласувајќи дека СДСМ секогаш била партија што не се повлекува пред предизвиците.

​Таа потсети на долгата историја на борби на партијата: од справување со режимот на Груевски и суровоста на Мијалков, до соочување со пандемијата и светската економска и енергетска криза. „Колку и да беа погодени условите, ние никогаш не ги спуштивме ракавиците, никогаш не се повлековме пред предизвиците и никогаш не се откажавме,“ рече таа.

​Костова остро го критикуваше однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници, обвинувајќи ги за кукавичлук и бегање од соочување.

​„Нашите опоненти оние од ДПМНЕ, се спротивност од нас. Тие бегаат дури и од најмалите предизвици. Си кукаат за сопствената неспособност и во традиционален дпмневски манир, повторно избегаа од дебати.“

​Таа го посочи актуелниот градоначалник на Штип, Иван Јорданов, како пример: „Прво Орце, а денеска Иван Јорданов во Штип. Славните вмровски ‘лавчиња’ како глувчиња се разбегуваат од соочување со вистината… Јорданов денеска се исплаши да се соочи со Павел на дебата се исплаши затоа што не сака да ја слушне вистината за своето неработење и за своите неуспеси.“