Костовски до Димитриевски: Се фалеше со 800, а доби само 400 милиони денари, зошто се одбиени клучни проекти за Куманово?

Организацискиот секретар на СДСМ и кандидат за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски, јавно го прозва актуелниот градоначалник Максим Димитриевски поради одбиени средства за дел од проектите аплицирани преку унгарскиот кредит за капитални дотации.

Во објава на социјалните мрежи, Костовски посочува дека иако Владата обезбедила 814 милиони денари за Куманово, од вкупно поднесени 26 проектни апликации, одобрени се само 20 – во вредност од 400 милиони денари.

„Јавно прашање до мојот поранешен сопартиец, сегашен противкандидат и градоначалник во заминување: зошто не се одобрени средствата за шест клучни проекти?“, прашува Костовски.

Меѓу одбиените проекти се:

  • Градинка во населбата Зелен рид – 250 милиони денари
  • Реконструкција на градската капела – 36 милиони денари
  • Обнова на старечкиот дом „Зафир Сајто“ – 35 милиони денари
  • Реконструкција на ОУ „Кочо Рацин“ – 36 милиони денари
  • Реконструкција на ОУ „Вера Которка“ – 12 милиони денари
  • Мост во село Довезенце – 15 милиони денари

Костовски потенцира дека за сите проекти, освен за мостот, проектната документација ја изготвило ЈП „Куманово-План“, прашувајќи зошто тие не се довршени или не се издадени градежни дозволи.

„Дали уште еднаш се покажува твојата неуспешност како менаџер, Максиме?“  запрашува Костовски, додавајќи дека иако Димитриевски често зборува за „висока геополитика“, граѓаните заслужуваат конкретни одговори за локалниот развој.

Во заклучокот, Костовски вети дека доколку добие доверба од граѓаните, ќе ги реализира сите одбиени проекти со сопствени буџетски средства.