Коцевски ги обвини бранителите за „неетички коментари“, Јошевска-Анастасовска возврати за „притисок врз слободата на говорот“​

Државното јавно обвинителство и бранителите во случајот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ја заострија полемиката по писмото на државниот обвинител Љупчо Коцевски до Адвокатската комора, во кое тој обвинува дел од адвокатите дека со јавни настапи ја доведуваат јавноста во заблуда. Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска веднаш возврати, оценувајќи го потегот како директен притисок врз нејзината професионална независност.

​Во своето писмо, обвинителот Коцевски остро реагира на „неетички коментари“ и „невистини“ изнесени во медиумите од адвокати кои, според него, ја претставуваат својата позиција како независни правни експерти, иако се бранители на обвинетите.

​„Коментарите се изнесуваат без адвокатите воопшто да се запознаени со доказниот материјал или со динамиката на судењето. Таквото однесување е спротивно на Кодексот за професионална етика на адвокатите, кој бара од нив да го чуваат угледот на судот и на институциите пред кои настапуваат,“ стои во писмото.

​Коцевски особено ја критикуваше адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска за нејзиниот јавен настап во емисијата „Студио 10“, наведувајќи дека нејзините наводи оти не добила целосен увид во доказниот материјал се „целосно неточни“. Тој појасни дека документите се доставени интегрално до Судот и до сите бранители, а дека доколку не го презела материјалот, тоа требало да го каже пред Судот, а не во медиумите.

​Адвокатката Јошевска-Анастасовска се огласи преку Фејсбук, оценувајќи дека писмото на државниот обвинител претставува „директен притисок врз слободата на говорот и професионалната независност на адвокатите“.

​Таа истакна дека во своите јавни настапи секогаш јасно ја нагласувала својата улога како бранител во случајот, а не како независен експерт.

​„Писмото на Јавното обвинителство до Адвокатската комора го чувствувам како притисок и директен напад врз мојата слобода на говор и професионална независност,“ напиша таа, додавајќи: „Би сакала да го видам Обвинителството со иста енергичност кога е нападнато од извршната власт.“

​Јошевска-Анастасовска се повика на меѓународната пракса (пресудата Nikula v. Finland на ЕСЧП), според која адвокатите имаат право да зборуваат за функционирањето на правосудниот систем „без страв од санкции“.

​На крајот, таа предупреди дека „преку вакви реакции можеме да очекуваме дека Обвинителството повеќе ќе се грижи за својот имиџ отколку за суштината на обвинението.“