Кочани: Нов „Марш за ангелите“ – четири месеци болка, тишина и борба за правда

Четири месеци по најголемата трагедија во поновата македонска историја, кога животот го загубија 62 млади лица во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска повторно ќе се одржи „Маршот на ангелите“ – симболична и тивка борба за правда.

Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“ вечерва го организира петнаесеттиот по ред марш, кој ќе започне во 18:05 часот од Паркот на револуцијата – време кое, според организаторите, е симбол на задоцнетата и кобна институционална реакција.

„Четири месеци подоцна, тагата не стивнува. Борбата за правда штотуку започна. Ве повикуваме со отворено срце да ни се придружите – да маршираме заедно во тишина, тишина која ќе одекнува како гласно потсетување дека ваква трагедија никогаш повеќе не смее да се повтори – ниту за едно дете, ниту за една мајка“, порачуваат од Здружението.

„Маршот на ангелите“ прерасна во симбол на колективната болка и отпорот против институционалната негрижа. Од Кочани повторно ќе одекне порака: правдата доцни – но не смее да изостане.