Баер Леверкузен го отпушти холандскиот тренер Ерик тен Хаг по само три натпревари на чело на тимот. Наследникот на легендарниот Чаби Алонсо имаше исклучително краток престој, запишувајќи само една победа во Купот на Германија против четвртолигашот Зоненхоф.
Во првото коло од Бундеслигата, Тен Хаг загуби од Хофенхајм со 2:1, иако неговиот тим водеше со 1:0. Неколку дена подоцна, во второто коло, Леверкузен повторно го испушти водството и одигра само 3:3 против Вердер.
Германските медиуми пишуваат дека одлуката за отказ е донесена и поради срамниот пораз од 1:5 од младиот тим на бразилскиот Фламенго за време на подготовките, како и изјавата на капитенот Роберт Андрих дека некои играчи играат само за себе.
Тен Хаг, кој претходно беше отпуштен од Манчестер Јунајтед, каде освои ФА Куп и Лига Куп, беше назначен за тренер на „фармацевтите“ ова лето. Тој имаше успешен период во Ајакс, со кој освои три титули во лигата и два купа.