Крај за еден великан – Иван Ракитиќ со солзи се простува од фудбалот

Фудбалскиот свет се подготвува да го испрати еден од своите најголеми мајстори – Иван Ракитиќ. Во недела, по мечот меѓу Хајдук и Шибеник, 37-годишниот хрватски ас ќе стави крај на својата блескава кариера.

Емотивна сцена се одигра на стадионот „Пољуд“, каде Ракитиќ беше снимен како со солзи во очите ја напушта тревната површина. Сега е јасно зошто – тоа беше неговиот последен натпревар пред домашната публика во Сплит.

Иако сè уште официјално не ја објавил одлуката, хрватските медиуми пишуваат дека Ракитиќ веќе дефинитивно решил – ова е крајот. Од момчето кое пред две децении тргна од Базел, до шампион со Барселона и идол во Севилја, Ракитиќ остави длабока трага во европскиот фудбал.

Во својата кариера го носеше дресот на Шалке, Севилја, Барселона, Ал-Шабаб, а последно и на Хајдук. Со Барса освои сè што може да се освои – Ла Лига, Куп на Кралот и Лига на шампиони, играјќи рамо до рамо со Меси, Иниеста, Нејмар и Суарез. Одигра дури 310 натпревари за каталонскиот гигант.

Во Хајдук пристигна минатото лето и веднаш го освои срцето на навивачите – со два гола, пет асистенции и, што е најважно, со својот фудбалски авторитет.

Во недела, последен аплауз за фудбалскиот господин. Иван Ракитиќ заминува – но неговата приказна ќе остане да се прераскажува.