Поранешниот министер за правда, Кренар Лога, преку објава на социјалните мрежи се поклони пред ликот и делото на Методија Андонов – Ченто, симболот на македонскиот отпор против југословенската и српската хегемонија. Поводот е 68-годишнината од неговата смрт.
„Методија Андонов – Ченто не беше националист. Беше демократ, визионер и човек со интегритет. Тој се бореше за автономна Македонија, со почит за сите – и за Македонците, и за Албанците, и за Турците, и за другите народи што живеат во неа“, напиша Лога.
Тој потсети дека Ченто како прв претседател на Президиумот на АСНОМ имал државнички настап и не се плашел да ѝ се спротивстави на политиката на Белград, за што бил осуден како „непријател на народот“, затворен и мачен.
„Неговата храброст беше казнета, но неговата визија остана жива. Ченто се спротивстави на диктатот од Белград. Сакаше самостојна и достоинствена Македонија“, истакна Лога.
Поранешниот министер порача дека денес, кога повторно се реафирмираат идеи за „српски свет“, императив е да се оддаде почит на оние кои се бореле за државност, еднаквост и слобода.
„Чест и почит за сите што се бореа – и што сè уште се борат – за слободна и достоинствена Македонија“, заврши Лога во пораката.