Кривична пријава против градоначалникот на Демир Хисар за партиски вработувања во гимназијата

Адвокатот Жарко Стеваноски поднесе кривична пријава до Обвинителството за гонење организиран криминал против шест службени лица за случајот со демирхисарската гимназија. Во пријавата се наведува дека градоначалникот Никола Најдовски, новоназначената директорка, двајца просветни и двајца полициски инспектори, организирале незаконски активности за да се реализираат партиски вработувања.

​Според Стеваноски, постои основано сомнение дека во периодот од мај до август 2025 година, овие лица организирано преземале дејствија за да овозможат партиски вработувања на 19 лица, и покрај законски распишаниот оглас.

Злоупотреба на службената положба

​Адвокатот детално ја објасни улогата на секој од пријавените:

​Градоначалникот Најдовски наредил инспекциски надзор во гимназијата, иако претходно веќе имало контрола без утврдени неправилности.

​Просветните инспектори утврдиле пропусти и веднаш донеле решение, по што градоначалникот назначил нов директор, создавајќи ситуација со двајца директори.

​Полициските инспектори лажно пријавиле дека разрешената директорка Маја Лозановска ги уништила печатите, иако имале наредба за претрес. Исто така, тие барале на носилки да оди на информативен разговор, иако била на боледување.

​Стеваноски нагласи дека овој случај е класичен пример за злоупотреба на службената функција за политички притисоци.

​Во меѓувреме, работата на гимназијата е речиси блокирана, бидејќи печатите се одземени од Обвинителството, што создава проблеми за издавање на дипломи за матурантите и исплата на плати за вработените. Ниту градоначалникот, ниту Државниот просветен инспекторат не одговорија на новинарските прашања.