Кривична пријава против петмина вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство

СВР Куманово поднесе кривична пријава против петмина вработени во Агенцијата за храна и ветеринарство за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Пријавените се: Р.Е. (51) од с. Слупчане, З.А. (59) од Скопје, Н.Б. (61) од Битола, А.Б. (59) од Скопје и С.К. (58) од Штип.

​Според полицијата, првопријавениот, Р.Е., кој бил вработен како помлад референт-архивар во Подрачната единица во Куманово, не доаѓал на работа во периодот од 1 декември 2018 до 30 април 2024 година, но редовно примал плата и придонеси.

​Кривична пријава е поднесена и против другите четворица службеници кои, според полицијата, свесно дозволиле или не презеле мерки за да се спречи овој случај:

​З.А., поранешен вршител на должноста директор на Агенцијата, свесно дозволил исплата на плата на Р.Е. и покрај тоа што тој не ги извршувал своите работни задачи.

​Н.Б., кој го наследил З.А. на директорската позиција, исто така дозволил да продолжи исплатата на плата.

​А.Б., раководител на Одделението за финансиски прашања, потпишувал финансиски извештаи и одобрувал исплати на плата и придонеси без да ја провери редовноста на присуството на Р.Е.

​С.К., раководител на Одделение во Агенцијата, не презел мерки за да ја спречи незаконската состојба.

​Со оваа злоупотреба, на Р.Е. му биле исплатени 1.159.081 денари, а државниот буџет бил оштетен за 1.682.759 денари.