Кривична пријава против Фрчкоски и тројца соработници за злоупотреба на службена должност

Поранешниот шеф на мисијата на Македонија при ОН во Њујорк, Љубомир Фрчкоски, заедно со уште три лица, е осомничен за злоупотреба на службена положба и овластување. Министерството за надворешни работи поднесе кривична пријава против нив, со сомневање дека сториле кривично дело според член 353 од Кривичниот законик.

Според пријавата, Фрчкоски, како службено лице, во периодот од 20 април 2022 до 6 октомври 2024 година, постапил спротивно на инструкциите на Министерството за надворешни работи од 25 април 2023 и мислењето на Министерството за финансии од 23 јули 2023 година.

На сметката на постојаната мисија на Македонија во ОН биле уплатени 3.998.721 американски долари од продажбата на сукцесиски објект на СФРЈ во Њујорк. Од тие средства, 3,94 милиони долари биле префрлени на сметката на Буџетот на Македонија, додека 58.721 долари останале на сметката на мисијата.

Иако имал обврска, останатите средства не ги уплатил во Буџетот на РСМ, туку ги потрошил незаконски и ненаменски, спротивно на:

  • Правилникот за финансиско и материјално работење на ДКП;
  • Упатството за водење на финансиското и материјалното работење на ДКП;
  • Правилникот за плата, додатоци и надоместоци во ДКП;

Интерната процедура за јавни набавки на ДКП во странство.

Во пријавата се наведува дека Фрчкоски остварил незаконско користење на буџетски средства по основ на:

  • Земени аванси за службен пат;
  • Невратен депозит за резиденцијата на амбасадорот;
  • Пречекорувања на дозволениот износ за мобилен телефон;
  • Неоправдани и двојни плаќања на телефонски сметки;
  • Нерасчистено салдо во касата на Мисијата при ОН;
  • Надминување на дозволените средства за репрезентација;

Повлекување пари од касата за поправка на службено возило без согласност од МНР.

Со ваквите дејствија, според пријавата, материјалната штета изнесува 57.855 американски долари.

Покрај Фрчкоски, во пријавата се наведени и второпријавената Катина Георгиева, третопријавениот Јон Ивановски и четвртопријавената Ивана Спиковска, кои, заедно со него, наводно причиниле вкупна штета на државниот буџет во износ од 116.576 американски долари.