Кривична пријава против членка на Судскиот совет за „измама во службата“ – Сокрила имот за незаконска наплата на патни трошоци

Единицата за корупција при Министерството за внатрешни работи (МВР) поднесе кривична пријава против Л.Г. (57) од Струмица, актуелна членка на Судскиот совет на Република Северна Македонија, поради основано сомневање за сторено кривично дело „измама во службата“.

​Според полициските наводи, Л.Г. сокрила дека нејзината ќерка купила стан во Скопје, со цел незаконски да продолжи да наплаќа патни трошоци за релацијата Струмица-Скопје. Со ова, таа го оштетила државниот буџет за 291.040 денари.

​Л.Г. била избрана за член на Судскиот совет во 2018 година. Таа имала право на надомест за патни трошоци врз основа на нотарски заверена изјава дека таа и нејзиното потесно семејство не поседуваат имот во Скопје.

​Проблемот настанал во август 2022 година, кога нејзината ќерка се стекнала со стан во Скопје, со што пријавената го изгубила правото на надомест за патување.

​И покрај оваа промена, таа не ја пријавила состојбата кај претседателот на Судскиот совет и продолжила да наплаќа патни трошоци.

​Во периодот од септември 2022 до декември 2023 година, на Л.Г. ѝ биле исплатени вкупно 291.040 денари во 15 наврати. Промената во имотната состојба таа ја пријавила дури на 15 јануари 2024 година, по што исплатите престанале.

​Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство во Скопје на 15 септември, а случајот е предаден на обвинителите за понатамошна постапка.