Кривична пријава против 38 лица и 15 фирми од Струмица, државата оштетена за над 94 милиони евра

Министерството за внатрешни работи поднесе обемна кривична пријава против вкупно 23 физички и 15 правни лица, меѓу кои и познатиот бизнисмен Р.К. (56), во врска со финансиски криминал тежок над 94 милиони евра. Обвинети се за организирање криминална група, перење пари и даночна измама.

Според соопштението од МВР, организаторите на ова злосторничко здружение, Р.К., З.К.В. (30) и В.П. (29) од Струмица, од 2019 до 2024 година користеле фирми – дел од нив основани лично, дел фиктивно контролирани – преку кои издавале лажни фактури и генерирале фиктивен промет. Сето тоа било поддржано од овластени сметководители и инспектори од УЈП, кои, според обвинението, им помогнале со прикривање на трагите.

Покрај тројцата организатори, под истрага се и 20 други лица, дел управители на фирмите, а дел инспектори и сметководители, кои, како што информираат од МВР, биле клучни за реализирање на комплексната шема за даночна измама.

Преку серија фиктивни фактури со невистинита содржина, наводен промет и непостоечки услуги, пријавените прибавиле противправна имотна корист од 5,8 милијарди денари, што е еднакво на 94,3 милиони евра, на директна штета на државниот буџет.

Кривичната пријава е поднесена до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а предметот се води во соработка со Финансиската полиција, Управата за јавни приходи и други институции.