Пратеникот на Левица, Борислав Крмов, на собир во Велес зборуваше за, како што ја нарече, цензурата со медиумско рекламирање што ѝ се прави на неговата партија.
Крмов нагласи дека граѓаните треба да бидат свесни оти станува збор за политичка цензура, типична за авторитарните режими.
„Авторитарните режими прво удираат на својот најголем непријател, а тоа очигледно е Левица. Ако СДСМ беше најголем противник на ВМРО-ДПМНЕ, ваква забрана ќе им се случеше ним. Како може триесет години тоа да не се случи никому, а денес се случува токму на Левица?“ праша Крмов.
Тој предупреди дека ваквите процеси нема да застанат само на политичките партии.
„Ова се, за жал, профашистички тенденции на власта. Прво ќе тргнат со политичките партии што им пречат, а потоа тоа ќе се префрли и кај граѓаните – со цензура, апсења и репресија. Затоа ова мора веднаш да се спречи“, заклучи пратеникот.