Крстевски алармира: И по трагедијата во „Пулс“, дивите локали во Кочани сè уште функционираат

И покрај трагичниот настан во Кочани пред три месеци, каде животот го загубија неколку млади луѓе во угостителски објект без соодветни дозволи, нерегуларностите продолжуваат. Градоначалникот на Кочани, Венко Крстевски, денеска излезе со остри обвинувања кон повеќе државни институции и најави поднесување кривични пријави против угостители што, како што вели, работат надвор од сите законски рамки, а се толерирани од инспекциските служби.

„Сè уште има угостителски објекти кои незаконски работат на узурпирани јавни површини и во бесправно изградени објекти. Ќе поднесеме кривични пријави до Основното јавно обвинителство токму за овие случаи“, изјави Крстевски.

Тој директно праша како е можно институциите да дозволат вакви локали да добијат легални дозволи за работа, иако се изградени нелегално. Посебно го посочи Државниот пазарен инспекторат и Агенцијата за храна и ветеринарство:

„Како се издава ХАСАП дозвола ако кујната е дивоградба? Како е можно легално броило да биде поставено веднаш до фритеза во објект без основни технички услови? И повторно, како се прават елаборати што не одговараат на реалната состојба, како што беше случајот со локалот ‘Пулс’?“, запраша градоначалникот.

Крстевски ги повика сите надлежни органи – инспекторати, обвинителства и регулаторни тела – да постапуваат навремено и законски, за да се спречи нова трагедија.

„Превенцијата секогаш е посилна од секоја казна. Не смееме да чекаме нови жртви за да реагираме“, подвлече тој.