​Крсте Роџевски и Томика Рид повторно заедно на сцена во Македонија

​Музичката соработка помеѓу македонскиот уметник Крсте Роџевски и американската џез виолончелистка Томика Рид датира од пред една деценија, кога Рид свиреше на вториот албум на Роџевски, „Bitter Almonds“. Нивната соработка продолжи на синглот „Горно Дупени“ и во аранжманот на традиционалната песна „Ој љубов“ за филмот „Врба“ на Милчо Манчевски.

​За време на пандемијата, нивното пријателство се продлабочи додека живееја во исто маало во Чикаго, што резултираше со уште една соработка на албумот на Роџевски, „Fair Weather Friends“. Нивната заедничка работа се одликува со разиграност и спонтаност, пренесувајќи ги големите идеи на едноставен начин.

​Ова е вторпат дуото да настапува заедно во Македонија. Првиот пат беше на OFFest 2019, кога изведоа композиции од првите три албуми на Роџевски, заедно со други познати музичари.

​Крсте Роџевски, кој живее и работи во Њујорк, има седум студиски албуми и соработува со елитата на џез сцената, вклучувајќи ги Џеф Паркер, Бил Ласвел и Мери Халворсон.

​Томика Рид е добитничка на престижниот грант на Фондацијата МекАртур. Таа е дел од неколку познати џез состави, како „Art Ensemble of Chicago“ и „Artifacts Trio“. Рид е основач и на фестивалот „Chicago Jazz String Summit“.

​На концертот, публиката ќе има можност да ужива во македонските композиции на Роџевски од неговиот првенец „Батанија“ и од најновиот албум „Крстена вода“. Настанот ќе биде збогатен и со специјалните гостинки Вера Милошевска-Јосифовска и Дина Јашари.