Во собраниска процедура е ставен предлог-закон кој според СДСМ претставува скандалозен и опасен потег од страна на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција истакна дека со овој предлог се планира целосна партизација на полицијата преку рушење на кариерниот систем.
„Министерот Тошковски бесрамно ги укинува критериумите и стандардите за вработување во МВР со цел да воспостави систем за окупација на полицијата преку партиски послушници. За професионалците повеќе нема да има место во МВР“, изјави Кузеска, нагласувајќи дека овој чекор има далекусежни последици.
Таа додаде дека станува збор за опасен план кој ќе го доведе безбедносниот систем и суверенитетот на државата во прашање и ќе ја претвори полицијата во партиска парамилиција на ВМРО-ДПМНЕ, наменета за политички прогон и заштита на криминал.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе го поддржат законот ќе бидат изложени на уцени и притисоци, како што беше во времето на Груевски“, предупреди Кузеска.
СДСМ остро се спротивставува на овие измени и бара веднаш повлекување на спорниот закон.