Актуелниот градоначалник на Куманово и кандидат на Движење ЗНАМ, Максим Димитриевски, ќе се бори за нов мандат во вториот круг од локалните избори. Според првичните податоци од Државната изборна комисија (ДИК), тој освои најмногу гласови, но недоволно за победа во првиот круг. Негов противкандидат ќе биде независниот кандидат Горан Стојковски.
Според податоците на ДИК, по преброени 98,80 проценти од гласовите, Димитриевски освоил 37,89 отсто од гласовите, односно 16.183 гласа. Второпласиран е независниот кандидат Горан Стојковски со 13,92 проценти од гласовите, односно 5.946 гласови.
Само неколку гласа зад Стојковски е Селвер Ајдини од ДУИ со 5.905 гласа, додека четвртопласиран е кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски, со 5.793 гласа.
Синоќа, по објавувањето на првичните резултати, Димитриевски изјави дека води убедливо во однос на сите останати шест кандидати, истакнувајќи дека тој самиот има гласови колку што имаат вкупно сите останати кандидати.
Тој изрази увереност дека доколку има втор круг, ЗНАМ дефинитивно ќе биде победник, бидејќи граѓаните го препознаваат континуитетот и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух. Вториот круг од локалните избори е закажан за 2 ноември.