Купувај домашно – поттик за економијата и иднината на македонското земјоделство

Преку владината кампања „Купувај домашни земјоделски производи“, се отвора ново поглавје за развој на земјоделството и стабилноста на домашната економија. Оваа иницијатива има јасна цел – да се зголеми производството, да се поттикне потрошувачката на македонски производи и да се врати достоинството на македонскиот земјоделец.

Кампањата, која ја спроведуваат Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, е насочена кон јасно обележување на производите со потекло од Македонија, во маркетите и продажните места низ државата. Со тоа, граѓаните ќе имаат можност свесно да избираат домашни производи и директно да придонесат за економски раст.

Овој пристап не само што ќе ја зголеми побарувачката на македонските производи, туку и ќе го поттикне земјоделското производство. Нивите кои со години биле запуштени, сега добиваат нова шанса – со зголемена побарувачка, земјоделците повторно се охрабруваат да се вратат на својата најголема вредност – македонската почва.

„Нашата визија е Македонија да ја направиме земјоделски независна држава. Со секој купен домашен производ, се движиме чекор поблиску до таа цел“, порачаа од Владата.

По една година интензивна работа, Владата истакнува дека продолжува со конкретни мерки кои директно го стимулираат растот на домашната економија и бруто домашниот производ (БДП).

Земјоделците остануваат во фокусот на политиките – заедно градиме посилна, стабилна и производствено ориентирана Македонија.