Лабудовиќ најави „Центар Хаб“, СМАРТ паркинг и борба за секоја педа зеленило

​Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, во телевизиско соочување ги најави своите три капитални проекти и вети дека општината ќе ја направи одржлива и системски средена.

​Лабудовиќ како најважни ги издвои следниве проекти:

​Одржлива општина со подигнат квалитет на живеење: Ова подразбира Центар да биде чиста, безбедна, урбано средена општина со системски решенија во секој аспект.

​Системско решавање на паркинг хаосот: Ќе се градат катни и монтажни гаражи во Буњаковец, Капиштец и кај новата Железничка станица. Ќе се воведе СМАРТ паркинг систем за граѓаните да знаат каде има слободни места во реално време.

​Изградба на мултифункционален културен и младински центар – „Центар Хаб“: Овој центар ќе значи ново ниво во делот на културата и иновациите кај младите.

​Лабудовиќ најави и изградба на нова општинска зграда, со што вработените ќе добијат подобри услови за работа, а општината 300 нови паркинг места.

​Лабудовиќ го критикуваше својот противкандидат и актуелен градоначалник, Горан Герасимовски, за неажурноста со деталните урбанистички планови (ДУП).

​„Од 31 ДУП-ови сегашниот градоначалник ревидирал само три, што е катастрофално од аспект на борба против урбаната мафија и средување на хаосот во овој дел. А, токму тој е рекордер во издавањето на дозволи за градба – во неговиот мандат се издадени 280-300 дозволи и на тој начин дополнително го задуши Центар“, потенцираше Лабудовиќ.

​Тој, исто така, го потсети Герасимовски да не се кити со туѓи заслуги, посочувајќи дека улицата „Орце Николов“ била реконструирана од неговиот претходник.

​Кандидатот на ЗНАМ најави сериозна битка за секоја педа зелен простор и создавање на нови пешачки зони, како што се улиците „Мирослав Крлежа“, „50 дивизија“ и паркинг просторот кај општинската зграда, кој е предвиден за плоштад.

​Меѓу другите мерки се најавени:

  • ​Тесна соработка со Град Скопје за надминување на сообраќајниот колапс преку создавање квалитетен јавен превоз.
  • ​Сериозно системско решение за селекција и рециклирање на отпадот во соработка со фирмата „Пакомак“, каде граѓаните ќе добиваат и враќање на средства.
  • ​Посебна дислокација на градежен отпад и наплата на средства од уривање на објекти, кои ќе се користат за одржување на јавната чистота.