​Лабудовиќ: Со помош од Куманово го чистиме Центар, подигнавме десетици тони смет на Водњанска и Капиштец

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, објави дека „турбо“ работат на чистење на општината, и покрај државниот празник. Тој информира дека со помош на механизацијата добиена од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, е исчистен поголемиот дел од Центар, вклучувајќи ги Водњанска и Капиштец.

​Лабудовиќ истакна дека до овој момент се исчистени неколку населби, 4-5 главни сообраќајници и 30-тина станбено-сервисни улици.

​„Од утринава, со помош на механизацијата и друга логистичка поддршка што ја побаравме и веднаш што ја добивме од градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, подигнавме неколку десетици тони смет на Водњанска и целиот реон на Водно, на Васил Ѓоргов и во поголемиот дел од Капиштец, булеварот Климент Охридски од двете страни, а целосно го отстранивме сметот од населбите Кале и Пролет“, напиша Лабудовиќ.

​Тој најави дека продолжуваат со чистење на Маџир Маало и другите центарски маала.

​„Нема да дозволиме општината да биде жариште на заразни болести, затоа што некој не си ја врши работата за која е задолжен. Продолжуваме да бидеме во служба на граѓаните!“, порача кандидатот на ЗНАМ.