Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, јавно се обврза дека чистотата и хигиената ќе бидат неговиот прв приоритет по преземањето на мандатот.
Во соопштението од ЗНАМ се наведува дека Центар, кој е „срцето на Скопје“, денес изгледа како „напуштен агол“, со преполни контејнери, расфрлан смет, прашина и непријатна миризба.
„Оваа грда слика зад мене е секојдневие за центарци… Непријатната миризба стана симбол на Центар. За жал! Јас се обврзувам дека во првите 100 дена од мандатот ќе го исчистам Центар,“ изјави Лабудовиќ.
Лабудовиќ најави дека неговиот план за решавање на проблемот со нечистотијата ќе вклучува системски пристап и серија конкретни чекори во првите три месеци од неговото владеење:
- Темелно чистење на целата општина во првите 100 дена.
- Редовно миење на сите улици и тротоари за да се отстрани непријатната миризба.
- Чистење и одржување на сите паркови, детски игралишта и зелени површини.
- Елиминација на мини диви депонии и чистење на сите заборавени ќошиња и простори.
- Зголемување на капацитетите за собирање и управување со отпад.
- Воведување на современи методи за комунално работење и контрола.
Лабудовиќ порача дека Центар мора да биде чист и достоинствен, а граѓаните заслужуваат да живеат во уредна, здрава и пријатна средина. Со оваа заложба, тој најавува крај на времето на запуштеност и нова слика за општината.