Пратеничката од Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, денеска информираше дека партијата формално побарала свикување на итна затворена седница во Собранието на Република Северна Македонија. Ова барање следува откако не добиле одговор на јавниот повик упатен на прес-конференција изминатата недела.
Седницата, според ЛДП, треба да се одржи без присуство на јавноста и со само една точка на дневен ред:
„Национална позиција за Самитот на НАТО и иднината на македонската одбранбена политика“.
„Оваа тема е од клучно значење за државата. На претстојниот НАТО самит се очекува носење историска одлука за зголемување на буџетите за одбрана. Македонија мора да изгради јасна и заедничка позиција, поддржана од сите парламентарни партии“, истакна Зајкова.
Таа ја пренесе и клучната порака на ЛДП:
„Секој денар мора да остане тука, дома во Македонија. Инвестираме во одбраната, но од македонско производство.“
Од партијата повикаа на брза реакција од собраниските органи, оценувајќи дека прашањето не трпи одложување.