Левица: Најавените вработувања на Дурмиши се предизборен маркетинг со товар за општините

Задолжувањето од една милијарда евра преку кредит не е доволно за да се задоволат апетитите за дневен ПР и предизборна кампања на избраниците од власта. Циклусот на вработувања пред избори, без исклучок, повторно се активира. Овојпат, под закрила на лицата од ранливите категории и со лажна хуманост, министерот за економија Крешник Дурмиши најави 300 нови вработувања, соопштија од партијата Левица.

Според нив, вработувањата се претставуваат како мерка за подобрување на квалитетот на услугите за ранливите категории, но огласот ќе биде објавен на почетокот на август, додека вработувањата се очекуваат во септември, месец кога започнува и официјалната предизборна кампања за локалните избори.

„Оваа временска рамка го прави процесот политички мотивиран и го претвора во средство за обезбедување и задоволување на партиската војска“, обвинуваат од Левица.

Дополнително, иако министерството најави ангажман во траење од 18 месеци, според Левица, средства за плати се обезбедени само за првите шест месеци. Остатокот од трошоците ќе биде префрлен на товар на општините.

„Ваквиот потег е класичен пример за предизборни, времено-партиски вработувања. Наместо вистинска помош, лицата од ранливите категории ќе добијат ограничена поддршка, без измерливи резултати за квалитетот на услугите. Потребен е долгорочен, државно концепиран систем што ќе обезбеди постојана поддршка согласно нивните реални потреби“, се вели во соопштението на Левица.