Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на Левица, пратеникот Амар Мециновиќ, изјави дека енергијата на терен е очигледна и најави сигурен влез во втор круг, каде, според него, ќе се одржат дебати од кои противкандидатите во првиот круг ќе бегаат.
„Енергијата е очигледна. Луѓе, одиме во втор круг! Таму ќе разговараме за многу нешта затоа што во првиот круг противкандидатите ќе бегаат од дебати. Но, во втор круг нема каде да избегаат и ќе се сретнеме конечно“, рече Мециновиќ на средбата со граѓаните во Аеродром.
Мециновиќ, заедно со кандидатот за градоначалник на Аеродром, Марјан Димитриев, и советниците, најавија дека во нивниот мандат ќе се залагаат за:
- Решавање на проблемите со градскиот превоз и загадувањето на градот.
- Зајакнување на претпријатијата и создавање функционални јавни претпријатија.
- Промовирање на нивните цензурирани спотови на улиците.
„Ова движење не е запрено, тоа станува сè поголемо од ден на ден“, додаде Мециновиќ.
Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром, Марјан Димитриев, ја претстави својата амбициозна програма, нагласувајќи дека „доаѓа нашето време“.
„Денес сме тука да ја претставиме нашата програма. Дел од приоритетите се чиста и здрава општина, да ставиме крај на загадувањето и конечно да го решиме паркинг просторот“, истакна Димитриев.
Од Левица нагласуваат дека нивната сила е во народот, а нивната крајна цел е да го вратат Скопје и Аеродром во рацете на народот преку транспарентно и одговорно управување.