​Левица обвинува: Владата на Мицкоски со милионски тендер за партиски цели

Политичката партија Левица денеска излезе со соопштение во кое ја обвинува Владата на Христијан Мицкоски за „агресивен предизборен поткуп“ преку злоупотреба на државни ресурси.

​Според Левица, генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, склучил скандалозен тендер вреден еден милион евра за наводен симултан превод, а парите, како што тврдат, ќе се потрошат за организирање на партиските митинзи на ВМРО-ДПМНЕ.

​Како што наведуваат од Левица, тендерот го добила струмичката фирма „СМ АРТ ВИЗ АРТ ДООЕЛ“ во сопственост на Петар Божинов. Во спецификацијата на тендерот, јасно е наведено дека се изнајмува опрема за:

  • ​Озвучување
  • ​Микрофони
  • ​Монитори
  • ​Осветлување
  • ​Дим-машини
  • ​Проектори

​Левица смета дека оваа опрема е наменета за организирање партиски митинзи, а не за потребите на владината служба.

​Партијата го обвинува Јавното обвинителство дека молчи пред „очигледната предизборна злоупотреба на државни ресурси“ и дека не иницира никаква постапка. Исто така, ја критикуваат и Антикорупциска комисија, велејќи дека таа е само продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ.

​„Расипничкото расфрлање со речиси милион евра јавни пари… е јасен доказ за најдрска злоупотреба на државни ресурси за партиски цели. Наместо за училишта, болници и реални потреби на граѓаните, се трошат милионски суми за ДПМНЕ да го спаси својот рејтинг“, се вели во соопштението на Левица.