Од партијата Левица излегоа со нови сериозни обвинувања кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски, тврдејќи дека лица вмешани во случајот со трагедијата во Кочани – наместо да одговараат – биле регрутирани во изборниот штаб на партијата.
Станува збор за поранешниот началник на СВР Штип, Дејан Салтировски, и неговиот тогашен помошник и кумашин Ванчо, кои, според Левица, биле забележани пред дискотеката „Пулс“ еден час пред трагичниот настан, но не презеле ништо. Наместо да сносат одговорност, тие, како што се наведува, по наредба од кабинетот на премиерот, денес се дел од партиската изборна машинерија.
Левица потсетува дека пратениците на партијата поднесоа кривична пријава против премиерот Мицкоски за попречување на правдата, во која Салтировски се спомнува како еден од функционерите што биле „спасени“ од истрага. Според партијата, постои сомневање дека преку договор со јавниот обвинител Љупчо Коцевски бил овозможен имунитет за лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата бара одговор и за т.н. „мито-тефтер“ на Дејан Јованов – Деко. Левица прашува дали на списокот фигурират и имињата на Салтировски и Ванчо, и дали тоа е причината зошто полициската рација започнала со еден час задоцнување.
Дополнително, Левица ги поврзува Салтировски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, со можна злоупотреба на судски процеси и извлекување пари од МВР, преку потпишани полномошни додека Тошковски бил адвокат.
Иако постојат сериозни сомнежи за пропусти и корупција што, според партијата, довеле до трагедија од светски размери, Салтировски денес повторно е вработен во граничната полиција, без отворање истрага или поведување постапка.
„Левица нема да дозволи оваа трагедија да биде заташкана! Ќе продолжиме да бараме одговорност – и за трагедијата во Кочани, и за структурниот криминал што ја уништува државата“, стои во соопштението на партијата.