​Левица: Пратеникот Јанчев немал алкохол во крвта, малолетен мотоциклист без кацига удрил во неговото возило

По објавите во медиумите за сообраќајната несреќа во која учествуваше пратеникот Сашко Јанчев, партијата Левица излезе со демант, тврдејќи дека станува збор за лажни вести. Според соопштението, Јанчев не бил под дејство на алкохол и возел совесно.

​Како што наведуваат од Левица, несреќата се случила кога нерегистриран и неисправен моторцикл без светло, управуван од малолетник без возачка дозвола и кацига, се забил во совозачката врата на автомобилот на пратеникот. Во моментот на ударот, Јанчев имал вклучен трепкач за вртење.

​Детали за несреќата и последиците

​Во несреќата се повредени Сашко Јанчев (со повреди на кичмата), негов сопатник (со потрес на мозокот), како и малолетната сопатничка на мотоциклистот.

​Најтешко повреден е малолетниот возач на моторциклот, кој е пренесен на болничко лекување.

​Според партијата, Јанчев веднаш повикал полиција и брза помош.

​Левица изразува длабоко жалење за ситуацијата и нуди помош на семејството на повредениот млад човек.

​Партијата апелира до младите да бидат одговорни учесници во сообраќајот. Истовремено, го повикува МВР да врши засилени превентивни контроли кај најмладите, а јавноста да не подлегнува на „лажни вести и шпекулации“.

​Левица најави дека ќе ги чека резултатите од вештачењето и истрагата што ја води Обвинителството, и дека ќе продолжи навремено да ја информира јавноста.