Партијата Левица денеска упати остри критики кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи ја за, како што велат, „капитулантски“ потези во однос на македонскиот јазик, историја и идентитет, во контекст на новите иницијативи за заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент.
„Однародената ДПМНЕ ја прифаќа играта на големобугарските империјалисти и го става на маса македонскиот идентитет и јазик“, се вели во соопштението од партијата, која обвинува дека МНР, под раководство на Тимчо Муцунски, ја води Македонија кон нова рунда на болни компромиси, слични на Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Според Левица, иницијативата за заедничка резолуција со Бугарија значи практично прифаќање на наративот што со години го наметнува Софија – на штета на македонскиот народ. „Владата, наместо да застане цврсто во одбрана на неспорниот македонски јазик и идентитет, се вплеткува во дипломатски стапици што ги поткопуваат темелите на нашата државност“, порачуваат од партијата.
Во соопштението остро се напаѓа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за, како што велат, „непринципиелна трансформација“. „Не помина долго време од кога хистерично тврдеше дека нема да дозволи преговори за јазикот и идентитетот, а денес тивко ги гази сопствените зборови“, стои во реакцијата.
Левица смета дека со ваквите потези, Македонија ризикува да стане првата држава која ќе го доведе под прашање сопствениот службен јазик, а институциите ги повикуваат „веднаш и јасно да го отфрлат секој обид за заеднички иницијативи со Бугарија кои ги негираат македонските права“.
Според нив, наместо „тргување со националните интереси за неколку тапкања по рамо од странство“, Владата треба безусловно да ја прекине комуникацијата со Софија по прашањата поврзани со јазикот, историјата и идентитетот.