Партијата „Левица“ објави нови детали за, како што го нарекува, „скандалозен тендер“ на Генералниот секретаријат на Владата, вреден 1 милион евра. Според партијата, парите се наменети за организирање на, како што велат, „скапи партиски митинзи на ВМРО-ДПМНЕ“.
Контроверзниот тендер, потпишан од Игор Јанушев, го добила струмичката фирма „СМ АРТ ВИЗ АРТ ДООЕЛ“, во сопственост на Петар Божинов.
„Левица“ тврди дека сопственикот на фирмата, Петар Божинов, има богато искуство како активист на СДСМ.
Во минатото, Божинов бил советник во Советот на Општина Струмица од редовите на СДСМ.
Сега е вработен во Општина Струмица како одговорно лице за култура.
За време на владеењето на Зоран Заев, Божинов наводно имал монопол во организирањето културни настани во Струмица преку наменски невладини организации и фирми.
Партијата истакнува дека Божинов е фотографиран со актуелни советници на ВМРО-ДПМНЕ, што ја потврдува, како што велат, „тезата за соработка и координација помеѓу Мицкоски и Заев“.
Според „Левица“, Владата предводена од Мицкоски, наместо да го истражи криминалот од владеењето на Заев, им доделува милионски тендери токму на оние кои профитирале од тоа владеење. Партијата заклучува дека овие две партии здружено го „цедат буџетот“ и дека нивен заеднички интерес е никој да не одговара за криминалното владеење.