Во Велес, во присуство на претставници на државните институции, органите на Комората и доктори од целата земја, Лекарската комора на Македонија одбележа 33 години од своето основање како самостојна и професионална организација на сите доктори по медицина.
„Денес ја славиме лекарската професија како една од најсуштинските и најблагородните во општеството. Докторите не се само здравствени работници – тие се истражувачи, иноватори, едукатори, и најважно – носители на надеж и поддршка. Нивната посветеност на здравјето на поединецот е темелот на секое здраво и стабилно општество“, изјави претседателката на Комората, проф. д-р Калина Гривчева Старделова, нагласувајќи ја потребата од континуирана поддршка, подобри услови за работа и континуирана едукација на медицинскиот кадар.
На свеченоста беше врачено највисокото признание на Комората – наградата „Св. Наум Охридски“, која годинава му беше доделена на д-р спец. Душко Темелков, матичен лекар од Кавадарци со 37-годишна кариера. Тој е препознаен како пример за професионална етика и посветеност на заедницата.
Специјалната награда „Примариус д-р Димитар Ивановски“ за најуспешни студенти по медицина ја добија тројца млади академски граѓани:
Јована Цветановска – Медицински факултет, УКИМ – Скопје
Галена Аризанкоска – Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип
Фјола Ружди – Државен универзитет – Тетово
Плакетата за најдобар научен труд беше доделена за трудот:
„Скрининг за прематурна ретинопатија за предвремено родени бебиња во Република Северна Македонија – 15-годишни резултати (2009 – 2024)“, автори: д-р Беким Татеши, д-р Игор Исјановски и д-р Сузана Кленкоски од Универзитетската клиника за очни болести во Скопје.
Комората додели и благодарници на околу 500 доктори кои беа директно вклучени во спасувањето и лекувањето на повредените во трагичниот пожар во Кочани.
„Ова е наш скромен, но искрен гест на благодарност за нивната извонредна пожртвуваност. Тие ја докажаа вистинската сила на лекарската етика и хуманост“, додаде проф. д-р Гривчева Старделова.
Лекарската комора е основана на 5 јуни 1992 година од страна на група доктори од Македонското лекарско друштво. Од 2002 година, таа доби јавни овластувања за издавање лиценци, полагање стручни испити и акредитација на настани од континуираната медицинска едукација – чекори кои ја позиционираат македонската медицина сè поблиску до европските стандарди.