Македонската тенисерка Лина Ѓорческа ја продолжи својата успешна серија, пласирајќи се во полуфиналето на W75 турнирот во Букурешт. Таа во четвртфиналето ја совлада Лаура Хиетаранта од Финска со сигурни 2-0 во сетови (6-3, 6-3), по два часа игра.
Во првиот сет, по израмнување од 3-3, Ѓорческа направи серија од три гема и го освои сетот со 6-3. Во вториот сет, иако противничката поведе со 2-0, македонската тенисерка доминираше до крајот, правејќи два брејка и добивајќи го сетот со истиот резултат.
Во полуфиналето, Ѓорческа, која е четврта носителка на турнирот, ќе се соочи со првата носителка, Деспина Папамихаил од Грција. Ѓорческа има позитивен скор во меѓусебните дуели против Папамихаил, со три победи и еден пораз, а ја совлада и минатиот месец на турнир во Куршумлијска Бања.
Турнирот во Букурешт се игра за награден фонд од 60.000 долари.