Македонската тенисерка Лина Ѓорческа го освои турнирот W50 во романскиот град Слобозија, со награден фонд од 40.000 долари. Во драматично финале, таа ја совлада домашната тенисерка Елена Бертеа со 2-1 во сетови (3:6, 6:3, 6:4) по 2 часа и 15 минути игра.
Во првиот сет, Бертеа поведе со два брејка и го освои со 6:3. Сепак, Ѓорческа покажа карактер во вториот сет, кога успеа да надомести водство на противничката од 3:1 и да освои пет гема по ред за да го добие сетот со 6:3.
Во решавачкиот трет сет, македонската тенисерка поведе со 4:2, но Бертеа се врати на 4:4. Сепак, Ѓорческа не попушти и ги доби следните два гема, со што го освои сетот со 6:4 и ја обезбеди победата.
Ова е 15-та титула во поединечна конкуренција за Ѓорческа, а веќе 39-то финале во кариерата. Таа, исто така, има 47 титули во двојки.
За победата, Ѓорческа освои 50 поени и ќе напредува на ВТА листата. Следната недела ја очекува настап на турнир во Букурешт.