Возач од Штип, со иницијали Г.Ј. (36), бил лишен од слобода откако управувал возило со брзина од 252 километри на час на автопатот „Пријателство“, на место каде што максималната дозволена брзина е 120 км/ч, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Инцидентот се случил на 22 август во 18:35 часот, во близина на селото Милетково, гевгелиско. Полициски службеници од СВР Струмица го запреле возачот и констатирале дека тој значително ја надминал дозволената брзина.
Против возачот ќе биде поднесена соодветна пријава за кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик. За настанот е известен и јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија.