Лозановска за СП: Се обидуваат незаконски да ме разрешат пред избори!

Во Демир Хисар, по барање на градоначалникот Никола Најдовски, полицијата извршила претрес во домот и кабинетот на директорката на СОУ „Крсте Петков Мисирков“, Маја Лозановска. Според нејзините наводи, целта била одземање на печатите од училиштето, за да може новата в.д. директорка – поставена спротивно на законот – да започне со работа.

Ова е трет обид на градоначалникот од 2022 година да ја разреши Лозановска, иако претходните два пати Државната комисија за одлучување во управна постапка ги поништи неговите одлуки, укажувајќи дека назначување и разрешување на директори на средни училишта е во надлежност на Министерството за образование и наука (МОН), а не на општината.

Лозановска, која во моментов е на боледување, за „Слободен печат“ изјави дека акцијата е организирана на ден пред распишување на локалните избори, со цел новата в.д. директорка да потпише решенија за прием на наставници по партиски избор. Таа тврди дека полицијата ја притискала да ги предаде печатите, иако не ѝ било врачено официјално решение за разрешување.

„Печатите се во метален шкаф во архивата, а клучот е кај мене. Сѐ уште сум законски директор додека не добијам решение. Брзаат да ја завршат постапката во Централниот регистар пред изборите“, вели Лозановска, додавајќи дека полицијата ја повикала и брзата помош поради висок притисок, но сепак се заканувале со приведување.

Адвокатот Жарко Стевановски најави кривична пријава против градоначалникот, просветни инспектори и полицискиот началник на Демир Хисар, оценувајќи дека постапката е „апсолутно незаконска“ и резултат на злоупотреба на инспекциски надзор.