Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Прилеп, Петра Лукароска, во својата објава нагласи дека „здравјето не познава пол“ и е право, а не привилегија. Таа изјави дека како претседателка на здружение за унапредување на здравјето, особено е фокусирана на машкото и менталното здравје, како и на борбата против стереотипите и стигмата.
Лукароска потенцираше дека стигмата и недостатокот на иницијативи за менталното здравје се главната причина што многу деца и адолесценти се борат во „тишина“, што честопати резултира со трагични последици.
Таа се осврна и на потребите на девојчињата и младите жени, најавувајќи дека, доколку стане градоначалничка, средствата за менструална хигиена во училиштата и јавните установи ќе бидат достапни бесплатно. Според неа, тоа е прашање на здравје, достоинство и еднаквост.
Лукароска најави дека нејзината цел е да организира и поддржи превентивни кампањи и едукативни работилници за здравјето, во соработка со локалните здравствени установи и здруженија. Нејзината визија е да изгради општина што подеднакво се грижи за сите свои граѓани, без исклучок.