Кандидатката за градоначалничка на Прилеп од СДСМ, Петра Лукароска, одржа средба со Благоја Мишовски, претседател на Здружението за слепи лица, на која разговараа за долгогодишните проблеми со кои се соочуваат овие лица во градот.
На средбата беше истакнато дека тактилните патеки на булеварот „Гоце Делчев“ го олеснуваат движењето, но потребно е нивно проширување за да се овозможи пристап до институциите и јавните објекти кои сè уште се тешко достапни.
Мишовски, кој е и претседател на клубот за спорт и шах на слепи лица „Александар Тодороски“, укажа на недостигот на финансиски средства за одржување на спортските активности и натпреварувања. За решавање на овој проблем потребна е скромна поддршка од локалната самоуправа и од прилепските стопанственици.
Лукароска нагласи дека верува во градење на инклузивно и недискриминаторско општество, каде што секој човек е еднакво вреднуван и почитуван. Таа заклучи дека „праведното општество започнува со почит и завршува со дела“.