Кандидатката за градоначалничка на Прилеп и претседателка на општинската организација на СДСМ, Петра Лукароска, ја започна својата политичка активност со симболична, но длабоко значајна средба – со Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941–1945 и нивните наследници.
„За мене, како претставник на партија што го цени и негува антифашистичкото наследство, беше логично токму ова да биде мојата прва официјална средба“, изјави Лукароска, потенцирајќи дека делото на партизаните и учесниците во антифашистичката борба е темелот врз кој се изгради современата македонска држава.
Таа посочи дека привилегија е да се слушаат сведоштвата за храброста и пожртвуваноста на генерациите кои се бореле за слобода и правда. „Сојузот на борци не е само дел од историјата – тој е жив потсетник за вредностите што треба да ги чуваме и денес: слобода, правичност, солидарност,“ рече Лукароска.
Со личен тон, таа откри дека и во нејзиното семејство има носителка на Орден за заслуги за народ, што ја обврзува и мотивира да продолжи да се бори за подобро и поправедно општество.
„Борбата за слобода и правда никогаш не завршува,“ порача Лукароска, најавувајќи дека во својата работа ќе се води токму од тие вредности.