Кандидатката за градоначалничка на Општина Прилеп од СДСМ, Петра Лукароска, вчера преку видео-објава ја критикуваше состојбата на родната куќа на писателот Стале Попов во селото Мелница, Мариово. Лукароска најави дека доколку биде избрана, ќе се заложи за нејзина обнова и реставрација.
Во своето видео, Лукароска ги нарече урнатините од куќата „огледало на негрижата на државата кон нашиот идентитет“. Таа нагласи дека делата на Стале Попов, како „Крпен живот“ и „Калеш Анѓа“, се многу повеќе од книжевни дела – тие се доказ за вековното опстојување и самобитност на македонскиот народ.
„Време е родната куќа на Стале Попов да ја обновиме, реставрираме и зачуваме како жив сведок за нашето минато, но и залог за иднината на македонскиот народ и македонската држава“, порача Лукароска.