Лука Модриќ, најтрофејниот фудбалер во историјата на Реал Мадрид, официјално се пресели во Милан. По 13 години успех со „десетката“ на грбот во дресот на „кралскиот клуб“, 39-годишниот хрватски ветеран во новиот клуб ќе го носи бројот 14.
Во интервју за „ДАЗН“ пред пријателскиот натпревар помеѓу Милан и Лидс во Даблин, Модриќ ја објасни причината за изборот на овој број, кој е прославен од легендарниот Јохан Кројф.
„Првиот број на мојот дрес беше 14. Потоа го задржав и во Тотенхем, каде што играв добро. Кројф е симбол на овој број, тој му даде значење и го направи посебен. Задоволство е да се носи,“ изјави Модриќ.
Долгогодишниот капитен на хрватската репрезентација зборуваше и за своите детски соништа и идолот Звонимир Бобан.
„Имам речиси четириесет години, но сè уште имам фудбалски соништа. Ова е мојот сон од детството. Фотографијата од мене како дете во тренерка на Милан е прекрасно сеќавање и сведочи колку клубот беше популарен во Хрватска. Пораснав гледајќи го италијанското првенство, а ‘росонерите’ беа мои омилени. Звонимир Бобан беше мојот идол. Сега сум тука и сакам да освојувам трофеи со Милан,“ истакна новото засилување на Милан.