Ракометната репрезентација на Македонија го продолжува својот успешен континуитет на големите натпреварувања, обезбедувајќи пласман на Европското првенство 2026! Со импресивна победа од 26-17 над Литванија, „црвено-жолтите“ доминираа на теренот, освојувајќи го второто место во групата, кое води директно на престижниот континентален собир.
Катастрофален почеток, но блескаво продолжение!
Натпреварот започна ужасно за нашите ракометари – цели осум минути без постигнат гол, додека Литванците ја торпедираа нашата мрежа и поведоа со 4-0. Селекторот Лазаров брзо побара тајмаут, по кој Македонија се врати во игра – пенал на Кузмановски и два брзи гола на Мартин Ивановски ги разбудија „црвено-жолтите“.
Вистинската пресвртница дојде со влегувањето на голманот Мартин Томовски, кој ги запечати обидите на Литванците и ја крена одбраната на ниво. Влезот на Серафимов го разигра нападот, по што Македонија експресно го израмни резултатот на 8-8. Првото водство стигна во 22. минута, благодарение на серијата на Серафимов, кој беше незапирлив во тој период.
Тотална доминација во второто полувреме!
За разлика од првиот дел, второто полувреме го отворивме агресивно. Лазаревски и Серафимов брзо не одлепија на 15-11, додека Томовски блескаше со одбрани и фантастична асистенција до Џонов за убедливи 16-11. Одбраната беше непремостлива, а Литванија немаше решение за нашата зона.
Клучен момент беше исклучувањето на Џонов, но и со играч помалку одбраната функционираше беспрекорно. Џонов се врати со два брзи гола од крило за 19-13, по што Литванците побараа тајмаут, но веќе беше предоцна.
Фантастичен Томовски и шоу во „Јане Сандански“!
Мартин Томовски заврши со неверојатни 11 одбрани и 55% успешност, додека во нападот блескаа Кузмановски и Серафимов со по пет гола. Пешевски и Џонов додадоа по три погодоци. Конечните 26-17 беа запечатени со гол на младиот Дамјан Митев, за целосна еуфорија на трибините.
Македонија оди на уште едно Европско првенство – мотивирана, подготвена и жедна за нови победи!