Поради зголемениот број пожари и исцрпеноста на домашните ресурси, денеска е активиран механизмот за цивилна заштита на Европската Унија – информира директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
„Го активиравме ЕУ механизмот со цел да видиме дали некоја од земјите-членки може да ни понуди помош, особено во делот на воздухопловните ресурси. Силите на терен засега ги има доволно, но тие се веќе исцрпени бидејќи секојдневно се соочуваат со пожари“, изјави Ангелов.
Според официјалните податоци, до 13:30 часот денеска се регистрирани вкупно 16 пожари низ земјата – осум се активни, шест се ставени под контрола, а два се целосно изгаснати.
Најсериозната ситуација е на планината Готен, меѓу општините Василево, Радовиш и Берово, каде што постои реален ризик од приближување на огнот до населените места.
Институциите апелираат за внимателност, а граѓаните се повикуваат веднаш да пријавуваат какви било пожари или сомнителни а ктивности.