Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија го започна настапот на Европското првенство за играчи до 16 години (Б-дивизија) со пораз од селекцијата на Кипар (76:82), во меч одигран вечерва во салата „Јане Сандански“ во Скопје.
Иако натпреварот започна ветувачки за избраниците на селекторот Нермин Пепиќ, кои го добија првиот период со 19:13, продолжението донесе поголема рамноправност. Во втората и третата четвртина се водеше изедначена битка, а Кипар успеа постепено да ја стопи почетната негатива.
Во решавачката четвртина, нашите млади кошаркари имаа резултатска предност, но во самиот финиш дозволија пресврт, со што Кипар дојде до значајна победа на отворањето на групата Б.
Најефикасен во македонскиот табор беше Чучанов со 18 поени, а Сотир додаде 13 поени.
Македонија нова шанса за поправен испит ќе има веќе утре (четврток, 8 август), кога во рамките на второто коло ќе се сретне со селекцијата на Република Ирска, повторно во салата „Јане Сандански“, со почеток од 18:00 часот.