Фудбалската репрезентација на Македонија направи уште еден голем подвиг, откако вечерва во Гент одигра херојски и фантастично 0:0 против огромниот фаворит Белгија, во рамките на Мундијалските квалификации. Со освоениот бод, Македонија го задржа првото место во групата по шест одиграни натпревари, со вкупно дванаесет бодови.
Она што Македонија го прикажа на теренот се граничи со сензација. Репрезентативците издржаа херојски и одиграа машки против Белгија, која упати речиси триесетина удари кон нашиот гол. Клучна фигура во македонскиот отпор беше голманот Столе Димитриевски, кој вечерва беше несовладлив и спаси неколку чисти шанси.
„Да, ние имаме реална шанса да одиме на Мундијалот во САД, Мексико и Канада во 2026 година,“ е пораката која ја испратија репрезентативците по натпреварот.
Белгија напаѓаше во сите деведесет минути, но македонската одбрана, заедно со Димитриевски, беше на висина на задачата:
Прво полувреме стартуваа со удари на Де Брујне и Кастањ. На Белгија ѝ беше поништен гол поради офсајд на асистентот Де Брујне. Во 27. минута Белгија беше целосно преселена во нашиот петерец, но Елмас и Атанасов со блокови спасија чисти голови.
Второ полувреме продолжија нападите. Димитриевски бранеше бравурозно по ударите на Доку и повторно на Де Брујне во 54. минута.
Најголемата шанса за Белгија дојде во второто полувреме кога Опенда излезе „очи во очи“ сам пред Димитриевски, но македонскиот голман навреме затвори агол и со десна рака спаси чист гол. Следна шанса имаше и Кастањ во 78. минута, кога од непосредна близина биеше над голот.
Македонија исто така имаше една голема шанса кога Ристовски за милиметри беше покус во обидот да бие со глава по убавото нафрлување од Елмас