Македонија ќе аплицира за средства од Светска банка за гасна интерконекција со Србија

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес одржа работна средба со Редон Беголи, виш специјалист за енергетика при Светска банка. На состанокот се разговарало за тековната и идната соработка, со фокус на проекти за зајакнување на енергетската безбедност, ефикасност и одржливост.

​На Годишното собрание на Светска банка во октомври, Македонија ќе поднесе неколку проекти за финансиска поддршка. Како најзначаен, се истакнува проектот за изградба на гасна интерконекција со Република Србија. Од Министерството посочуваат дека оваа инфраструктура кт од големо значење за регионалното поврзување и ќе овозможи диверзификација на изворите и правците на снабдување со природен гас.

​Светска банка, исто така, ќе биде партнер во финализирањето на методологијата за утврдување на енергетската сиромаштија и во подготовката на нови програми за унапредување на енергетската ефикасност. Ова ќе овозможи поефикасно насочување на мерките кон најранливите категории граѓани и ќе помогне во обезбедувањето на праведна енергетска транзиција.

​Министерката Божиновска нагласи дека Владата останува посветена на реформите во енергетскиот сектор и на зајакнувањето на партнерствата со меѓународни институции за долгорочна сигурност и стабилност на енергетскиот систем.