Делегација на македонската Царинска управа, предводена од директорот Бобан Николовски, беше во посета на Царината на Србија, каде одржа билатерална средба со српскиот директор Драгиша Петровиќ. Целта на средбата беше да се унапреди заедничката работа за олеснување на трговијата и забрзување на процедурите на граница.
Двајцата директори ги потврдија придобивките од досегашната соработка, која вклучува заеднички контроли на границите со едно запирање, взаемно признавање на овластените економски оператори и размена на податоци.
На средбата беа договорени следниве конкретни чекори за продлабочување на соработката:
- Заедничка имплементација на нови царински ИТ системи во согласност со европските интеграциски процеси.
- Воспоставување контакт точки за побрза и поефикасна размена на оперативни информации.
- Дополнително олеснување на царинските постапки на граничниот премин Табановце, во рамки на Акциониот план за Заеднички регионален пазар.
- Соработка во организирање заеднички обуки и работилници.
Директорот Николовски истакна дека целта е јасна: „олеснета трговија, побрз проток и посилна регионална соработка на патот кон ЕУ“. Петровиќ се согласи дека оваа соработка ќе придонесе за севкупен напредок на двете држави и на целиот регион.