Новата концертна сезона на Македонската филхармонија со наслов „#Без филтер“ се отвора в четврток, во 20:00 часот, со концертот „Класика РеСтарт“.
Директорот Мустафа Имери објасни дека насловот на сезоната, „#Без филтер“, ја симболизира класичната музика како „уметност без шминка, без технолошки разубавувања, уметност во својот најавтентичен облик“.
На отворањето ќе настапи врвниот колумбиски виолончелист Сантјаго Канон Валенсија како солист, додека диригентската палка е во рацете на маестро Јерухам Шаровски. На програмата се дела од Бете Илин, Едвард Елгар и Антонин Дворжак.
Историско гостување во Виена
Имери најави и историски момент за оркестарот – гостување во реномираната сала „Музикеферјан“ во Виена на 28 октомври. Ова е матична сцена на Виенската филхармонија, каде се одржува и прочуениот Новогодишен концерт.
Во Виена, Македонската филхармонија ќе се претстави со спој на македонската традиција и европската класика. Ќе бидат изведени дела од македонските композитори Глигор Смокварски, Бете Илин и Сони Петровски, како и Симфонијата број 8 од Антонин Дворжак. Како солисти ќе настапат Ана и Игор Дурловски.
Директорот ја нагласи важноста на гостувањето: „Ова е историски момент за нашиот оркестар, но и за нашата држава чија музичка култура и традиција ќе ја претставиме на најдобар начин… Културата е најсилниот дипломатски инструмент и најдобар амбасадор на државата во светот.“