Првиот македонски долгометражен анимиран филм, „Јон Вардар против галаксијата“, продолжува со својата меѓународна промоција, со селекции на три престижни фестивали:
- Меѓународниот филмски фестивал на патот на свилата (Silk Road International Film Festival) во Кина
- Фестивалот за детски и младински филмови Шлингел (SCHLiNGEL International Film Festival) во Германија
- Галактички Имагинариум (Galactic Imaginarium) во Романија
Филмот, кој е најголемиот анимациски копродукциски проект на Балканот, е хумористична приказна за еден просечен човек, нарцисоиден робот и вонземјани кои се обидуваат да ја спасат галаксијата. Режисер е Гоце Цветановски, а во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска.
Пред овие селекции, филмот веќе беше прикажан на фестивали во Шпанија, Бразил и Филипини. Досега има освоено и две меѓународни награди за најдобар анимиран филм во Италија и Еквадор.
Режисерот Гоце Цветановски изјави дека е неверојатно чувството да се види како македонската приказна за помалку од две недели патува низ различни фестивали со различен карактер. Според него, тоа е доказ дека филмот зборува универзален јазик.
Екипата на филмот најави дека во текот на октомври ќе бидат објавени уште нови фестивалски селекции.